Абдул Фрашери (; 1 јуни 1839 – 23 октомври 1892) бил албански политичар, дипломат, публицист и еден од најзначајните водачи на албанското национално движење во втората половина на XIX век. Се смета за еден од главните идеолози и организатори на Призренската лига (1878–1881).
Биографија Роден е во селото Фрашер (во денешна јужна Албанија, тогаш дел од Јанинскиот Вилает на Османлиската империја), во познато беговско семејство. Бил постар брат на писателот Наим Фрашери и на енциклопедистот Сами Фрашери. Во 1877 година бил избран за пратеник во првиот османлиски парламент како претставник на Јанинскиот вилает. Истата година учествувал во основањето на Централниот комитет за одбрана на правата на албанската народност во Цариград, чиј претседател бил.
На основачкото собрание на Призренската лига во јуни 1878 година бил еден од водечките претставници на јужното крило и бил избран за претседател на Комисијата за надворешни работи. Се залагал за обединување на четирите османлиски вилаети во кои имало албанско население (Косовски, Скадарски, Битолски и Јанински) во еден автономен албански вилает, како и за употреба на албанскиот јазик во администрацијата и образованието. Заедно со Мехмет Али Вриони бил пратен како делегат на Лигата кај големите сили за време на Берлинскиот конгрес. Во 1881 година, кога Лигата прогласила привремена влада, бил назначен за министер за надворешни работи. По задушувањето на Лигата од османлиските власти бил уапсен, осуден на смрт (подоцна казната била заменета со доживотна робија) и држен во затвор до 1885 година, кога бил ослободен со општа амнестија. Починал во Цариград на 23 октомври 1892 година. Абдил Фрашери се смета за една од централните фигури на албанската Национална преродба и за значаен придонесувач во артикулирањето на албанските национални барања во периодот по Источната криза.
Категорија:Албанска преродба