Мал врболист (науч. Lythrum hyssopifolia) — едногодишен вид на голо растение од фамилијата врболистови опишан од Карл Линеј. Растението се среќава во Македонија и повремено во Шведска, но не се размножува таму. Според Каталогот на живот не се наведени подвидови.
Опис Малиот врболист е едногодишно голо растение, 10–40 см високо. Стеблото е вертикално, обично од основата разгрането, округлесто-четириаглесто, со тесни надолжни крила по рабовите. Листовите се наизменични, скоро приседнати и прилегнати кон стеблото, скоро вертикални, линејни, долгнавести до елиптични, 6–15 мм долги, на врвот заострени, а кон основата стеснети. Цветовите се 5–6-члени, поединечни во пазувите на листовите по целата должина на стебленцата, исправени и прилегнати кон стеблото; брактеолите линејно-шиловидни, нежни, белузлави, околу 1 мм долги. Хипантиумот е цилиндрично-обратно-конусовиден, а кај плодовите цилиндричен, 4–6 мм долг; лобовите на епикаликсот шиловидни, 1–1,5 мм долги, за време на цветањето странично расперени или полурасперени. Чашкините ливчиња се ципести, широко-триаглести, делтоидни, со шилесто продолжување на врвот. Венечните ливчиња розови, 2–3 мм долги, долгнавесто-обратно-јајцевидни, на врвот тапи, кон основата клиновидно стеснети. Прашниците се во број од 4 до 6, поставени во трубестиот дел на хипантиумот. Плодот е цилиндрична кутија, околу 6 мм долга, обвиена од хипантиумот. Столчето е 1,5–2 мм долго, на врвот со топчеста жиговна глава.
Распространетост во Македонија Малиот врболист расте по песокливи и влажни места, влажни ливади и други влажни станишта. Растението се среќава во Скопје во селото Петровец; Прилеп помеѓу Прилеп и манастирот Трескавец и помеѓу манастирот Трескавец и Маркови Кули, с. Чепигово; Ресен помеѓу с. Езерани и с. Долно Перово; Струмица - околу Моноспитовско Блато, кај с. Банско и помеѓу с. Банско и с. Габрово; Гевгелија - околината на Дојранското Езеро.
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа Категорија:Врболист Категорија:Флора на Малта Категорија:Флора на Либан Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година