Primula halleri — вид цветно растение кое припаѓа на родот Primula, од семејството Јаглики (Primulaceae). Природно го населува подрачјето на Алпите, Карпатите и некои од планинските масиви на Балканскиот Полуостров. Вообичаено се среќава на надморска височина од 1500 до 2700 метри. Негов главен опрашувач е Macroglossum stellatarum.

Опис и распространетост Primula halleri е повеќегодишно тревесто растение со височина до 25 см. Неговите листови се групирани во розета; кај младите листови страничните делови се завиткани кон долната страна. Листовите имаат долгнавест до обратно-јајцевиден облик, со мазни или ситно назабени рабови. Од горната страна се зелени и сјајни, додека долната страна им е прекриена со бел, брашнест слој. Врвот им е тап, заокружен или благо стеснет, а во основата постепено се прелеваат во широка лисна дршка. Цветовите се собрани во штитовидно соцветие составено од 2 до 12 цвета, поставено на главна дршка висока од 10 до 25 см. Поединечните цветни дршки се долги помеѓу 5 и 10 мм. Брактеите имаат иста должина од 5 до 10 мм, во основата се торбесто подуени, кон врвот се заоструваат и обично ги следат димензиите на цветните дршки. Чашката обично има потемна боја и е прекриена со брашнест слој, со јасно изразени испакнати агли. Нејзината должина изнесува од 8 до 12 мм и е засечена речиси до половината, при што нејзините запци се ланцетасти, со заострен или тап врв. Венчето има виолетова боја со пречник од 15 до 20 мм, додека венечната цевка е долга од 20 до 30 мм, што ја прави 2 до 3 пати подолга од самата чашка. Слободните делови од венечните листови имаат длабок засек на самиот врв. Прашниците се сраснати за трубичката на венчето, позиционирани во пределот на самото грло. Столпчето се издига над грлото на венечниот отвор. Плодната кутијка е цилиндрична, долга 9–12 мм, еднаква или подолга од чашката.

Во Македонија расте на високопланински пасишта, на височини од 1600 до 2700 метри. Се среќава на Шар Планина, Јакупица, Караџица и Кораб.

Галерија

Наводи

Категорија:Растенија опишани во 1775 година Категорија:Флора на Украина Категорија:Флора на Полска Категорија:Флора на Австрија Категорија:Флора на Швајцарија Категорија:Флора на Франција Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа