Шохеи Отани (; р. Ошу, 5 јули 1994 г.), исто така познат како Шотајм () — јапонски бејзболист. Настапува на позициите фрлач и назначен удирач во клубот од Главната бејзболска лига, „Лос Анџелес доџерс“. Победник е на Јапонската серија во 2016 г. во состав на „Хокаидо нипон-хем фајтерс“. Добитник е на рекордот по брзина на фрлање меѓу фрлачите во Јапонската професионална лига — 165 км/ч. За своето мајсторство и во фрлањето и во удирањето, играчот е споредуван со играчи што настапувале на две позиции како Бејб Рут, Булит Роган и Бо Џексон. Често е нарекуван најдобриот бејзболист ако не во историјата, тогаш на денешницата.
Отани бил избран од „Хокаидо нипон-хем фајтерс“ како прв избор на драфтот во 2012 г. Од 2013 до 2017 г. настапувал за клубот во Јапонската професионална лига, излегувајќи на позициите фрлач и надворешен играч (аутфилдер). Во 2016 г. станал победник на Јапонската серија. По завршувањето на сезоната 2017 добил статус на слободен играч и преминал во клубот од Главната бејзболска лига, „Лос Анџелес ејнџелс“. Во дебитантската сезона бил прогласен за Дебитант на годината во Американската лига. Во 2021 г. бил прогласен за Најкорисен играч во Американската лига. Во 2023 г. Отани станал првиот играч во историјата на лигата што во една сезона остварил 10 победи во улога на фрлач и удрил 40 хоум-рана. По вторпат во кариерата бил прогласен за Најкорисен играч во Американската лига.
Во декември 2023 г. Отани потпишал 10-годишен договор со „Лос Анџелес доџерс“ во вредност од 700 милиони долари, што е рекордно во историјата на бејзболот.
Отани настапувал за Националната репрезентација на Јапонија на натпреварите од Светскиот бејзболски класик во 2023 г., при што бил прогласен за најкорисен играч на турнирот. Финалето на Светскиот бејзболски класик станало едно од најгледаните бејзболски натпревари во историјата; негова кулминација бил страјкаутот со кој Отани го исфрлил својот соиграч од „Ејнџелс“ и капитен на репрезентацијата на САД, Мајк Траут, што ѝ ја донело победата на репрезентацијата од 3:2.
Тој е меѓу најплатените спортисти во светот според Forbes — во 2026 г. го зазел петтото место со вкупен приход од 127,6 милиони долари.
Животопис
Рани години Шохеи е роден во рударскиот град Ошу на северот на Јапонија. Тој е најмалиот од трите деца во семејството. Неговиот татко работел во фабрика за автомобили, а исто така играл бејзбол во полупрофесионална лига. Неговата мајка за време на средношколските денови се занимавала со бадминтон и играла на национално ниво. Отани учел во средното училиште Ханамаки Хигаши во префектурата Ивате. За време на настапите на националното средношколско првенство, поставил рекорд по брзина на фрлање — 160 км/ч.
Резултатите на Отани привлекле внимание кај неколку клубови од МЛБ, па во октомври 2012 г. изјавил дека сака да замине да игра во САД наместо да започне професионална кариера во Јапонија. И покрај желбата на играчот да замине, клубот „Хокаидо нипон-хем фајтерс“ донел одлука да го избере. Потоа, по преговорите, Отани решил да помине неколку години во јапонската лига и потпишал договор со клубот. Во клубот го добил бројот 11, кој претходно му припаѓал на друга ѕвезда на лигата, Ју Дарвиш.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Родени во 1994 година Категорија:Родени на 5 јули Категорија:Јапонски бејзболисти