Lysimachia foemina (син. Anagallis foemina) — вид тревесто едногодишно цветно растение кое припаѓа на родот Lysimachia, од семејството јаглики (Primulaceae). Генетските анализи и споредбата на ДНК секвенците покажуваат дека видот Lysimachia foemina има најголема генетска блискост со Lysimachia monelli. Порано општо се верувало дека овој вид бил најсроден со L. arvensis. Поради тоа, одредени ботаничари го класифицирале L. foemina само како подвид на L. arvensis (под научниот назив Anagallis arvensis subsp. foemina). Етимологија Името на некогашниот род Anagallis потекнува од грчките поими ана („повторно“) и агалеин („радување“), што најверојатно се поврзува со тоа што растението цути двапати во годината и ги отвора своите цветови на сончева светлина. Специфичниот епитет foemina значи „женски“, опис што произлегува од ситниот раст и суптилниот изглед на билката. Опис Lysimachia foemina е нискорастечко голо растение, високо 5–30 см, разгрането од коренот, со исправени или прилегнати стеблени гранчиња. Неговите листови се поставени спротивно, а поретко и во пршлени од по три. Тие имаат јајцевиден до ланцетен облик со димензии од 12–17 мм во должина и 5–8 мм во ширина, при што горните листови се најчесто ланцетни со заострен врв. Нивниот раб е ципест и ситно назабен, немаат лисна дршка (приседнати се) и на двете страни имаат изразени жлездести точки. Цветовите се развиваат од лисните пазуви, поставени на дршки со должина од 5 до 20 мм, кои најчесто се покуси или еднакви по должина со самиот лист, а поретко го надминуваат. За време на цветањето овие дршки се исправени, но по прецветањето лачно се виткаат и се насочуваат надолу. Чашката е долга 4–5 мм, поделена до основата на пет делови, кои се долги колку венчето или покуси; во основата проширени, со широк кожест раб, а на врвот остро завршени. Венчето е синкаво, со пречник 4–5,5 мм, рабовите неправилно назабени, без влакна или со многу ретки жлездести влакненца. Прашниците се покуси од венчето и нееднакви по должина; филаментите имаат ретки влакна, а во основата се споени во прстен и поврзани со долниот дел на венечната трубичка (цевка). Плодната кутијка е топчеста, долга 4–6 мм, со столпче на врвот, и се отвора со попречно распукнување. Семките се темнокафеави и густо покриени со брадавички.

Слични видови Видот Lysimachia foemina често се меша со Lysimachia loeflingii (порано L. arvensis var. azurea/caerulea), но се разликува по плодната чашка со значително повеќе нерви (наспроти 5–6), потесните и раздвоени венчни ливчиња со ретки 3–4-клеточни жлезди со елипсовидна крајна клетка (напроти широки, допирни ливчиња со многубројни 3-клеточни жлезди со топчеста клетка), пократките цветни дршки кои ретко ја надминуваат должината на подцветните листови, како и по потесните и потемни горни листови. Распространетост Овој широко распространето растение потекнува од централните и јужните делови на Европа, но со тек на време е пренесено и натурализирано на речиси сите континенти, вклучувајќи ги Африка, Азија (северните и источните предели), двете Америки и Западна Австралија.

Во Македонија се среќава на влажни места: пасишта, ниви, ливади, ѓубришта и други слични живеалишта. Овој вид е често застапен ширум нашата земја, каде што се среќава на надморска височина сè до 1000 метри. Галерија

Наводи

Надворешни врски Биолиб Ботаничка шема Критвиста

Категорија:Растенија опишани во 1768 година Категорија:Флора на Европа Категорија:Флора на Македонија