Tilia tomentosa или сребрена липа — вид цветно растение од семејството слезови (Malvaceae), по потекло од југоисточна Европа и југозападна Азија, од Романија и Балканот источно до западна Турција, кое расте на умерени надморски височини. Претставува еден од денес 43 признаени видови липа (Tilia). Опис и распространетост
Tilia tomentosa е листопадно дрво со пирамидална форма кое достигнува височина до 30 метри. Неговите млади гранчиња се сивкасти и густо покриени со ѕвездести влакненца. Листовите имаат широко-јајцевидна до речиси тркалезна форма со кус и заострен врв. На рабниот дел се назабени со остри запци, а нивната должина од 8 до 10 см е речиси еднаква на ширината. Во основата се срцевидни или симетрично асиметрични. Кај младите листови од двете страни се забележуваат ѕвездести влакненца, додека кај позрелите горната површина станува зелена и мазна (или со ретки прости влакна), а долната останува густо покриена со белузлави ѕвездести влакненца. Лисните дршки се со должина од 2 до 6 см и се прекриени со ретки влакна. При соцветието има издолжено ланцетно ливче, речиси приседнато, кое може да биде влакнесто или голо. Соцветието содржи 6–10 цветови и е свртено надолу. Чашкините ливчиња се долги 3–5 мм и однадвор се покриени со влакненца. Венечните ливчиња се жолтеникави, елипсовидни и долги 4–7 мм. Плодот е оревче со јајцевидна или округла форма, густо покриен со ѕвездести влакненца.
Во Македонија, овој широко распространет вид се среќава во дабови шуми, на суви и топли станишта, како и во клисури.
Одгледување и употреба Ова дрво е популарно украсно растение ширум Европа, застапено со неколку специфични сорти. Сортата „Брабант“ (Brabant) се одликува со изразено централно стебло и правилна конусна крошна, додека „Петиоларис“ (Petiolaris или висечка сребрена липа) се препознава по висечките листови и значително подолгите лисни дршки. Овој вариетет е со непознато потекло, вообичаено е стерилен и најверојатно настанал со вкрстување со друг вид липа. Покажува исклучителна толерантност кон неповолните услови во градските средини, како што се загадениот воздух, збиената почва, високите температури и сушните периоди. Поради овие карактеристики, претставува одличен избор за засадување долж градските улици и булевари.
Чајот подготвен од цветовите на оваа липа делува смирувачки, помага при грчеви и поттикнува потење. Ова лековито дејство се должи на присутните активни состојки кои делуваат на бензодиазепинските рецептори во организмот.
Постои општоприфатено, но погрешно мислење дека нектарот од ова дрво содржи маноза која ги труе пчелите. Всушност, појавата на голем број зашеметени и истоштени пчели под стеблото за време на цветањето не се должи на отровност, туку на недостигот на други извори на храна и нектар во градските средини во овој доцен летен период. Наодите на Кох и Стивенсон (2017) додатно ја побиваат теоријата дека отров во нектарот ги убива пчелите под липите. Тие укажуваат дека кофеинот во нектарот всушност хемиски ги привлекува и манипулира пчелите, наведувајќи ги нерационално да се враќаат кај истите дрвја дури и кога тие веќе немаат храна, што на крајот доведува до нивно исцрпување и умирање од глад.
Иако во пролетните месеци шири пријатен мирис, ова растение испушта полен и ги губи своите пупки и во пролет и во есен. Галерија
Наводи
Надворешни врски Tilia tomentosa - информации, генетски конзервациски единици и сродни ресурси. Европска програма за шумски генетски ресурси (EUFORGEN)
Категорија:Липа Категорија:Флора на Европа Категорија:Флора на Македонија